Во последниве години се посветува поголемо внимание на улогата на вработените, менаџерите и одделот за човечки ресурси, како почетна точка во процесот на справување со надворешни и внатрешни организациски промени-вели м-р Христина Лозаноска, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Фактор: Професијата управување со човечки ресурси (ЧР) и нејзиното значење за успешноста на една компанија и економијата во целина е недоволно позната во земјава? Што ја прави атрактивна оваа професија во последно време?

Христина Лозаноска: Една од највпечатливите, глобални карактеристики на изминатата деценија беше континуираната промена на бизнис климата и пазарните услови. Компаниите буквално се борат од ден на ден да постигнат успех, да бидат ефикасни и да останат конкурентни. Во целиот тој процес на опстанок и адаптација, забележана е непроценливата важност на луѓето, односно вработените во организацијата како еден од клучните фактори со најголемо влијание врз постигнувањето и одржувањето на организацискиот успех. Затоа, во последниве години се посветува поголемо внимание на улогата на вработените, менаџерите и одделот за ЧР, како почетна точка во процесот на справување со надворешни и внатрешни организациски промени. Оваа улога се предвидува да биде сè поважна во организациите во наредните неколку децении, бидејќи преку управување со човечките ресурси ќе се цели постигнување максимумот ангажираност и продуктивност на вработените. Тимот на вработени на една компанија е единственото нешто што не може да се ископира и дава уникатна конкурентска предност. Како одговор на овој предизвик се разви менаџерската, односно стратешката функција на управувањето со човечките ресурси во развиените земји, како тежиште на стратегијата за успешно управување со организациските промени. Иако овој тренд е се почест и во нашата земја, за жал сè уште во голем дел од бизнис заедницата, како и во јавниот сектор, кога зборуваме за управување со човечките ресурси се мисли на основните, административни функции на кадровското одделение, што укажува на понатамошна потреба од едукација и промоција на бенефитите од оваа професија.

Фактор: Колку македонските компании, особено оние поуспешните, се свесни за значењето на оваа професија и колку ги применуваат позитивните практики за развој на човечки ресурси во своите средини?

Христина Лозаноска: Колку менаџментот на македонските компании, особено оние успешните, ги следи трендовите на развој во секторот во кој делува? Колку менаџментот на овие компании има стратешки приод во креирањето на иднината на компанијата, со предвидување на сите аспекти потребни за нејзината одржливост? Дали менаџментот на успешните компании е запознаен со оперативните ризици поврзани со човечкиот фактор во компанијата и како управува со ризиците? Дали менаџментот на компанијата е засегнат индивидуалните цели и делувања на вработените да бидат поврзани со исполнување на компаниските цели? Дали менаџментот на компанијата верува во квалитет, транспарентност, лојалност, развој на вештини, тимска работа, развој на лидери и друго??? Овие прашања остануваат отворени, а мојот одговор е дека доколку менаџерите се искусни менаџери и се загрижени за иднината на компанијата, тогаш се претпоставува дека се свесни и засегнати паралелно да ги развиваат вработените, за што им е потребен внатрешен систем за управување со човечките ресурси, кој согласно доменот на работа, го креираат менаџерите за управување со човечките ресурси! Да, имаме примери на вистински менаџери за човечки ресурси во компаниите во Македонија и нивни успешни добри практики, но на ниво на земјата тоа не е доволно за да се дефинира дека имаме развиена професија во целина.

Фактор: Што подразбирате под стандардизација на професијата управување со човечките ресурси на национално ниво, зошто е тоа потребно?

Христина Лозаноска: Основни стандарди за управување со човечките ресурси би придонеле во развојот на компаниите во приватниот сектор, но и во реформите на институциите и органите од јавниот сектор. Преку нив јасно би се дефинирала улогата, доменот на работа и специфичната стручна експертиза на професионалците за управување со човечките ресурси/одделите за ЧР, и истите би можеле активно да придонесат во реорганизација, модернизација, трансформација и развој на било која организација, бидејќи топ менаџментот има други предизвици и приоритети со кои се соочува во тековното работење. Професијата управување со човечките ресурси како значајна функција на менаџментот на компаниите и организациите, потребно е да се користи за подигнување на квалитетот на животот на луѓето, особено во професионалниот дел, со воспоставување на соодветни стандарди за работа, достоинствени услови за работа, фер и еднакви можности за развој и напредок на луѓето, а коишто самото по себе ќе придонесе кон позитивен развој на компаниите и општеството. Со исполнување на овие предуслови во работната средина, работодавачите ја подаваат раката за зајакнување на довербата и интерната соработка со колективот на вработени, а со тоа ја префрлаат одговорноста на страна на вработените, кои потоа не би требало да имаат изговори за ниското ниво на ангажираност и продуктивност, туку да покажат одговорност и залагања за квалитетно извршување на работата со што би го задржале своето работно место и би се развивале во кариерата.

Фактор: Вие сте од 2012 година претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси. Колку сте задоволни од досега постигнатите резултати на МАЧР, особено во поглед на промовирање на професијата во земјата и во странство?

Христина Лозаноска: Како ентузијаст во својот професионален развој во МАЧР сум уште од основачкото собрание во 2009 година. Уште од почетокот се создаде квалитетно јадро на асоцијацијата и се одржа како активно членство, кое за моја среќа, ја препозна мојата енергија и желба за вредни заеднички достигнувања поради што ми беше дадена довербата овие 6 години да бидам претседател на асоцијацијата, односно лицето на нашата фела во земјата и во странство. Во времето кога бев избрана за претседател, понесов огромна одговорност, бидејќи асоцијацијата сè уште беше на кревки нозе. Но, успеавме да направиме одржлива организација, со активна извршна канцеларија, зголемено членство и многу успешни настани за промоција на професијата, од кои највредни се интернационалните годишни конференции кои овозможуваат нашиот град да биде центар на управувањето со човечките ресурси во регионот. Воедно, во текот на мојот мандат, едно од поголемите признанија за успешното работење и вредно меѓународно достигнување е прифаќањето на МАЧР за полноправна членка на Европската асоцијација за управување со луѓето, во која членуваат сите национални асоцијации на земјите од Европа.

Фактор: Во мај МАЧР повторно ќе организира конференција која ќе биде јубилејна, десетта. Што може ново да се очекува од неа?

Христина Лозаноска: Годишната конференција на МАЧР е настан кој секогаш изобилува со нови теми кои се актуелни во светот. За квалитетот на настанот зборуваат фактот што на досегашните конференции учество земале над 1500 професионалци и над 70 интернационални  предавачи.

Изборот на темата „From HR to RH – Respect for Humanity” (Преку менаџментот со човечки ресурси – до почит кон луѓето) произлезе на заедничка средба со колегите од Управниот и Надзорниот одбор на МАЧР, со цел во фокусот на јубилејната конференција да ја поставиме основната потреба, но и највисока цел на цивилизираниот свет, а тоа е почитта кон луѓето, поддршка на нивниот развој и признание за нивната непроценлива важност за организациите. Ќе биде понудена богата програма, со учество на истакнати говорници од странство, меѓу кои главните менаџери за ЧР од мултинационални  компании, како и искусни консултанти, коучи и професори од Италија, Словенија, Грција, Португалија, Австрија и други земји. Тие ќе ги споделат своите искуства и визии во оваа областа, ќе го презентираат своето стручно знаење, своите иновативни идеи, како и препораки (во делот: мотивирање, поттикнување на иновации, одржливост, управување со таленти, коучинг, лично брендирање, важноста на човечкиот фактор при интернационализација на компаниите итн..) 

Очекуваме голем број посетители, пред сè од редот на извршните менаџери, HR професионалци, како и студенти и други видови менаџери и професионалци, од јавниот, приватниот и невладиниот сектор, кои инвестираат во себе, со цел да бидат во тек со новините поврзани со развојот на човечкиот капитал и организациите. Учесниците ќе имаат исклучителна можност да се поврзат со луѓето и менаџерите од нивниот домен на работа и да остварат вредни познанства! Особено сме горди што настанот сè повеќе добива регионално значење, така што и оваа година се најавени гости од соседните земји. Самата организација на овој настан веќе е предизвик сам по себе и затоа како ко-организатор на конференцијата оваа година се јавува агенцијата Вработување.ком.

Превземено од : faktor.mk

https://faktor.mk/intervju-so-m-r-hristina-lozanoska-menadzmentot-so-chovechki-resursi-e-neophoden-za-organizaciski-uspeh

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *