Интервју со Христина Лозаноска, Бизнис коуч и менаџмент консултант, сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ: „ВИТА Институт: од мал женски бизнис до прва акредитирана програма за Employer Branding во Македонија“

Накратко, ако може да ни ја раскажете приказната за ВИТА Институт? Која е мисијата на ВИТА Институт?

ВИТА ИНСТИТУТ за едукација, менаџмент консалтинг и коучинг  е  локална консултантска компанија, која обезбедува целосна професионална поддршка на компаниите за нивниот организациски развој. Полето на експертиза на ВИТА ИНСТИТУТ природно ги прати моите лични професионални приоритети и јаки страни како основач, проширени се разбира со експертизата на тимот на соработници. Нашиот пристап вклучува примена на бизнис коучинг со менаџерскиот тим, идентификување на потребите за развој, воспоставување на системски решенија за унапредување на менаџмент системите прилагодени на потребите на секоја компанија, користење на најнови технологии на работа и поддршка при имплементација.

Во исто време нудиме програми за развој на лидерство во компаниите и развој на организациската култура, а обезбедуваме и коучинг за јакнење на лидерски компетенции преку индивидуален и тимски пристап.

 ВИТА ИНСТИТУТ се први и единствени во нашата земја кои нудатEmployer Branding академија односно академија за „брендирање на работодавачот“.Од каде идејата за ваква програма и академија? Како одеше процесот на формирање на програмата?

Еден од најновите проекти на ВИТА ИНСТИТУТ е регионалната Академија за EMPLOYER BRANDING, која претставува единствена ваква академија во земјата, која нуди напредни вештини за менаџмент со човечки ресурси и employer branding.  Академијата има уникатен пристап, комбинирајќи 6 модули на „masterclass“ предавања за напредни знаења и вештини за менаџмент со човечки ресурси и индивидуални менторски сесии / коучинг на учесниците. Идејата за оваа aкадемија произлезе како рефлексна реакција на барањата на нашите клиенти и зголемената потреба на пазарот за брендирање на работодавачите како квалитетни работодавачи. Идејата беше претставена пред програмата Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост и за истата добивме поддршка при формирањето, како и за спроведувањето на правата пилот група со компании од ИКТ секторот.

За кого е наменета оваа aкадемија и кои се очекувани придобивки и резултати за учесниците по завршување на академијата?

Главната цел е да им овозможиме на учесниците и компаниите да градат компетенции и експертиза потребни за решавање на главните проблеми со брендирањето на работодавачот и развојот на потребните практики за управување со човечките ресурси. Како резултат, компаниите се поподготвени да спроведат нови политики и процедури и да изготват Employer Branding стратегија, со цел подобро позиционирање на компанијата на пазарот на трудот. Секој учесник се стекнува со сет на напредни вештини и државно призната диплома „Специјалист за брендирање на работодавачот“.

Компаниите заинтересирани да учествуваат во академијата можат да бираат меѓу два типа на поддршка која им ја нудиме. Првиот, потрадиционален начин е да обучат свој вработен им овозможуваме нивниот вработен да работи на стратегија за employer branding за компанијата која го испраќа. Но, на барање на  на некои компании, сега воведовме и посебна бизнис понуда која вклучува тримесечен пакет за зголемување на видливоста на компанијата. Овој бизнис пакет содржи менторски сесии за изготвување на стратегијата за Employer Branding за компанијата, поддршка спорведување преку дигиталниот маркетинг, како и рекламно место на платени портали. Истиот ги исклучува предавањата од Акaдемијата.

Од кои сектори се компаниите учесници на програмата до сега? Дали постои некакво ограничување во овој поглед?

Сè повеќе сектори се погодени од недостиг на квалитетен кадар, потешкотии при привлекување и задржување. Започнавме од ИКТ секторот, а веќе имаме учесници и од секторот приватно здравство, финансии, автомобилска индустрија и други, но се наоѓа и по некој консултант или студент кој сака да се профилира во овој правец. Ограничување не постои, програмата е применлива на сите сектори. Сите компании учеснички препознаваат голема вредност најпрво во подобрување на нивните HR практики и политики, а потоа и во зголемувањето на видливоста на компанијата како работодавач. Индивидуалните учесници, пак, се стекнуваат со нови напредни вештини во областа кои понатаму можат да ги применат нудејќи ги како услуга на компаниите.

Од неодамна Академијата за Employer Branding е и официјално акредитирана од државните институции. Зошто се одлучивте да ја верифицирате програмата? Што подразбираше процесот на акредитација и кои се главните придобивки за учесниците?

За нас најрелевантна повратна информација за квалитетот на Академијата е задоволството на учесниците кои се искусни професионалци и вредноста која ја добиле со учеството. Сепак, решивме да ја верификуваме програмата во Центарот за образование на возрасни за да сме сигурни дека истата ги исполнува и државните стандарди за стекнување напредни професионални вештини. Со ова, учесниците ќе можат да го надополнат и формално своето портфолио со државно признат серификат „Специјалист за брендирање на работодавачот“.

Со какви предизвици се соочувате во работата како (жена) претприемач?

Претприемништвото е состојба на егзистенција! Морам вака прозаично да се изразам за да излезам од контекстот на предизвици и потешкотии, мажи и жени. Јас уживам во оваа улога, и овој период пливам во својата природна состојба. За себе велам дека потешко беше да се издржи во систем, да се гради кариера како жена во институција, а сега ми е многу полесно од тој аспект, полето за креативност и влијание е значително пошироко. Сепак, ќе речам дека долго време се подготвував да отворам свој бизнис и искуството од системот и оперативното работење ми се голем влог за да можам побрзо и подобро да се позиционирам во еден релативно комплексен профил на дејности, консултантството. Подготовките пред да се основа ВИТА ИНСТИТУТ, беа преку стекнување на врвни едукации и сертификати за работа, стекнување на долгогодишно искуство и експертиза во областа, идентификување на продукти и соработници од земјата и странство. Тоа беше единствениот начин сопствената експертиза да можам да ја надоврзам и да работам тимски, како и да ги дефинирам продуктите и услугите кои ќе бидат понудени.  Претприемништвото бара познавање на пазарот, идентификување на проблеми во општеството кои ќе ги решаваме со своите продукти и услуги. Потребите за развој кај македонските компании се големи, има многу работа за мојата фела, а не е многу голема конкуренција во земјата. Меѓународните консултантски куќи од овој вид се прескапи за нашиот пазар, па наше е да ја докажеме нашата стручност и да го освоиме пазарот. На проблемите секогаш гледам како на предизвици за раст и развој, тоа не ме плаши. Малку повеќе време ми одзема градењето на свесноста за нашите продукти и услуги кај клиентите, но и тука напредуваме, пред сè преку добрите референци.

Кои се идните планови на ВИТА Институт за Академијата за Employer Branding, но и пошироко?

Ќе продолжиме да растеме преку работа, преку градење на тимот, но и преку континуирано следење на светските трендови. Можеби еден ден не толку далеку, ќе станеме препознаен меѓународен играч, бидејќи личното искуство на меѓународни проекти ми било секогаш најголем предизвик и би сакала тоа да го работам сè повеќе преку ВИТА ИНСТИТУТ.  Bо однос на Академијата за Employer Branding, истата веќе е поставена регионално бидејќи програмата оди онлајн. Во тек е формирање на македонска, но и на англиска група која е понудена во регионот и пошироко.

Поголемо меѓународно присуство е нашета посакувана дестинација, но за да се стигне до таму имаме многу идеи и желби за соработка тука, каде сме и најпотребни да помогнеме за организациски развој и развој на лидери, во нашата земја!

За повеќе информации за Академијата за Employer Branding и останатите услуги на ВИТА ИНСТИТУТ, посетете ја нивната интернет страница: www.vitainstitut.com

0 replies

Leave a Reply

Want to join the discussion?
Feel free to contribute!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *